Моќен земјотрес од 8,8 степени според Рихтерова скала покрај рускиот полуостров Камчатка предизвика цунами бранови од четири метри и предизвика евакуации во САД и Јапонија. Плиткиот земјотрес оштети згради и повреди неколку луѓе во далечниот руски регион, додека најголемиот дел од источниот брег на Јапонија доби наредба за евакуација. Од речиси два милиона жители на Јапонија е побарано да се евакуираат, од кои 10.500 на островот Хокаидо.
Во Хаваи, властите им кажаа на крајбрежните жители да одат на повисоки места, на четврти кат или повисоко, а бродовите да се тргнат од пристаништата поради доближувањето на цунами.
„Преземете акција! Се очекуваат уништувачки цунами бранови“, изјави одделот за вонредни ситуации на Хонолулу.
Цунами бранови од 300-400 сантиметри удрија во делови од Камчатка, делумно поплавувајќи ги пристаништето и фабриката за преработка на риба во градот Северо-Курилск, соопшти руското министерство за вонредни ситуации, додавајќи дека најголемиот дел од зградите го издржале земјотресот.
„Денешниот земјотрес беше најсилниот и најсериозен во изминатите децении“, изјави гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов.
Геолошкиот институт на САД објави дека земјотресот се случил на длабочина од 19,3 километри, а епицентарот бил 119 километри југоисточно од градот Петропавловск-Камчацки, кој има 165.000 жители. По главниот земјотрес уследила серија афтершокови со јачина до 6,9 степени.
Покрај Јапонија и САД, предупредување за цунами е издадено и во Кина, Перу и Еквадор. Првите бранови веќе стигнале до брегот на Јапонија и тамошната метеоролошка агенција објави дека големи бранови можат да се очекуваат и повеќе од еден ден по земјотресот во Русија.
Американскиот систем за предупредување од цунами објави дека бранови повисоки од три метри се можни долж некои крајбрежни делови на Русија, северните хавајски острови и Еквадор, додека бранови од еден до три метри се можни во Јапонија, Хаваи, Чиле и Соломонските Острови. Помали бранови се можни по должината на бреговите низ поголемиот дел на Пацификот, вклучувајќи го и западниот брег на САД.