САД ќе ѝ даваат на Украина разузнавачки податоци за метите на енергетската инфраструктура во внатрешноста на Русија, изјавија двајца функционери, додека Вашингтон размислува да го снабди Киев со проектили со долг дострел со кои би можел да изведува такви напади. САД побарале од сојузниците од НАТО да обезбедат слична поддршка, рекле функционерите, потврдувајќи го написот на „Вол стрит џурнал“.
Вашингтон долго време споделува разузнавачки информации со Украина, но „Вол стрит џурнал“ објави дека на Украина сега ќе ѝ биде полесно да гаѓа руски рафинерии, цевководи и електрани.
„Ова е првпат САД да обезбедат помош во украинските напади врз енергетски цели длабоко на руска територија“, изјавија официјални лица за „Вол стрит џурнал“.
Овој потег следува додека САД ги разгледуваат барањата за продажба на проектили „томахавк“ на некои европски држави, кои потоа би ги проследиле во Украина. Овие проектили имаат дострел од 2.500 километри, со што Украина со нив би можела да ги гаѓа и Москва и најголемиот дел од европска Русија.
Украина има развиено проектил со долг дострел наречен „фламенго“, но неговото производство е во рана фаза и не се знае колку ги има.
Изразувајќи фрустрации од Владимир Путин, Доналд Трамп неодамна ја промени својата реторика и кажа дека Украина би можела да ја врати целата своја окупирана територија. Кремљ порача дека проектилите „томахавк“ нема да ја променат ситуацијата на бојното поле во корист на Украина, но тоа би можело да биде значајна ескалација.