Американскиот Стејт Департмент соопшти дека нуди награда од 10 милиони долари за информација за шестмина хакери кои работат за ГРУ, руската агенција за воено разузнавање. Шестмината, кои се поврзани со хакерската група „Песочен црв“, се осомничени за создавање и ширење на вирусот „НотПетја“, според истрагата на американското Министерство за правда во 2020 година.
Според проценките на американски функционери, „НотПетја“ предизвика штета од 10 милијарди долари ширум светот, вклучувајќи 1 милијарда во САД.
Станува збор за офицерите на ГРУ: Јури Сергеевич Андриенко, Сергеј Владимирович Детистов, Павел Валериевич Фролов, Анатоли Сергеевич Ковалев, Артем Валериевич Очиченко и Петр Николаевич Плискин. Тие се обвинети за напад на критична американска инфраструктура.
„Овие лица беа членови на злосторничко здружување одговорно зад деструктивната инфекција со малициозен софтвер познат како НотПетја на компјутери во САД и ширум светот на 17 јуни 2017 година. Овие сајбернапади ги оштетија компјутерите на болници и други медицински установи во здравствениот систем Херитиџ Вели западна Пенсилванија, голем американски фармацевтски производител и други компании од американскиот приватен сектор“, соопшти Стејт Департментот.
Болниците немаа пристап до компјутерските системи поврзани со кардиологија, нуклеарна медицина, радиологија и хирургија недела дена, а нивните административни системи беа паднати речиси цел месец.