Американската војска елиминирала 16 пловила кои поставувале мини во Ормускиот Проток, објави Централната команда, откако Доналд Трамп најави дека ќе спречи секаков обид за блокада на оваа клучна маршрута за извоз на нафта и гас од Блиски Исток. Војската објави снимки од уништувањето на неколку вакви брода, додавајќи дека уништувањето на иранската морнарица е една од клучните цели на операцијата „Епски бес“.
„Доколку Иран поставил какви било мини во Ормускиот Проток, а немаме извештаи дека го сторил тоа, сакаме веднаш да се отстранат. Ако Иран, сепак, го сторил тоа, ќе има воени последици“, кажа Трамп по медиумските извештаи дека Иран почнал да го минира преминот.
Пентагон потоа соопшти дека напаѓа ирански пловила за поставување мини и складишта за мини.
Американско-израелските напади веќе доведоа до ефективно запирање на бродскиот сообраќај во Ормускиот Проток, низ кој вообичаено поминува една петина од светските испораки на нафта и течен природен гас. Водечкиот американски генерал Ден Кејн изјави дека американската војска веќе почнала да испитува опции за можно придружување танкери низ Ормускиот Проток, во случај да добијат таква наредба. Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, кажа дека ова досега не се случило.
Британскиот набљудувач на поморски трговски операции УКМТО објави дека три товарни брода биле погодени со проектил кај Ормускиот Проток, при што е наредена евакуација на посадите. Нема информации за жртви.



