Русија запре со испораките на гас во Европска Унија преку Украина во раните часови на новата година откако истече петгодишниот договор за транзит помеѓу украинската компанија „Нафтогаз“ и рускиот енергетски гигант „Газпром“. Единствените европски држави кои ќе продолжат да добиваат руски гас се Србија, Унгарија и Турција, но преку гасоводот „Туркстрим“ во Црното Море.
Володимир Зеленски порано кажа дека „Украина нема да дозволи Русија да заработува дополнителни милијарди долари на нашата крв“ и ѝ даде на ЕУ една година да се подготви. Европската комисија (ЕК) објави дека гасниот систем на Европа е отпорен и флексибилен и дека има доволно капацитет да се справи со крајот на транзитот преку Украина.
Ова претставува крај на ерата на евтин руски гас во ЕУ. Словачка е најпогодена од ова, но ЕК кажа дека влијанието ќе биде ограничено благодарение на внимателното планирање и алтернативните извори.
ЕУ значително го намали увозот на рускиот гас од почетокот на војната во Украина, но некои членки, како Австрија и Словачка, останаа силно зависни од него, што ѝ носеше пет милијарди евра годишно на Русија.
Покрај Словачка, крајот на договорот силно ќе ја погоди и Молдавија, која не е членка на ЕУ. Таа во голема мера се снабдуваше со струја благодарение на рускиот гас, вклучувајќи го отцепениот проруски регион Транснистрија.