Турските власти веруваат дека телото на саудискиот новинар и критичар Џамал Кашоги било растопено во киселина, откако било исечено на парчиња по убиството во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
„Тоа е единствениот логичен заклучок. Тие што го убиле Кашоги не сакале да остават никаква трага зад себе“, изјави високиот турски функционер и советник на претседателот Ердоган, Јасин Актај.
Засега нема никакви форензички докази што се случило со телото на Кашоги по неговото убиство на 2 октомври. Јавниот обвинител на Истанбул во средата потврди дека тој бил задавен.
„Причината што го распарчиле телото на Кашоги е за да ги растопат останките полесно. Сега гледаме дека не само што го исекле на парчиња, туку се потрудиле и целосно да исчезне“, додаде Актај.
Ова тврдење уследи откако свршеницата на Кашоги ги повика светските лидери да ги изведат убијците пред лицето на правдата, објавувајќи текст во пет весници, вклучувајќи ги „Гардијан“ и „Вашингтон пост“, во кој тој пишуваше колумни.
Според некои извештаи, саудискиот принц Бин Салман им рекол на САД дека Кашоги бил опасен исламист.