СЕ НАМАЛУВА СЕИЗМИЧКАТА АКТИВНОСТ НА САНТОРИНИ, ЗА НЕПОЛН МЕСЕЦ ИМАЛО НАД 23.500 ЗЕМЈОТРЕСИ

    СЕ НАМАЛУВА СЕИЗМИЧКАТА АКТИВНОСТ НА САНТОРИНИ, ЗА НЕПОЛН МЕСЕЦ ИМАЛО НАД 23.500 ЗЕМЈОТРЕСИПодморските потреси принудија илјадници жители и работници да избегаат од Санторини (Фото: АМНА)

    Константните земјотреси близу Санторини постепено се намалуваат откако почнаа пред еден месец, велат грчките сеизмолози кои го следат феноменот. Подморските потреси, понекогаш регистрирани на неколку минути разлика, принудија илјадници жители и работници да избегаат од популарниот остров Санторини, но и од соседните Иос, Аморгос и Анафи.

    Училиштата на овие острови се затворени веќе четири недели, а многу ограничувања и натаму се на сила. Но, научниците велат дека се охрабрени од опаѓањето на таканаречениот рој земјотреси.

    „Сеизмичката активност продолжува постепено да се намалува, како во дневниот број потреси, така и во нивната максимална јачина. Нови микросеизмички бранови не се забележани од 15 февруари“, соопшти Комитетот за управување со ризици и кризи на Универзитетот во Атина.

    Овој комитет регистрирал над 23.500 земјотреси меѓу 26 јануари и 22 февруари. Неколку од нив имале јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала и предизвикале мали оштетувања. Градоначалникот на Санторини Никос Зорзос изјави дека неколку илјади жители се вратиле на островот од крајот на минатата недела.

    Ефтимиос Лекас, шефот на државната Организација за планирање и заштита од земјотреси, кажа дека сеизмичката активност во регионот ќе продолжи уште неколку недели, а можеби и месеци.

    „Се соочуваме со уникатен феномен во уникатен регион. Ризикот не е целосно елиминиран. И натаму постои опасност од земјотрес од шест степени, но шансите за тоа сега се многу помали“, кажа Лекас.

    Во почетокот на овој месец, грчките власти затворија школи и испратија спасувачки тимови, специјални сили, шатори и дронови на Санторини поради стравувањата дека би можел да уследи голем земјотрес, а со тоа и цунами. Во следните денови илјадници луѓе го напуштија островот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира