СЕ СОМНЕВАМЕ ВО ТВРДЕЊЕТО ДЕКА УКРАИНА ЈА НАПАДНАЛА РЕЗИДЕНЦИЈАТА НА ПУТИН, КАЖА АМБАСАДОРОТ НА САД ВО НАТО

    СЕ СОМНЕВАМЕ ВО ТВРДЕЊЕТО ДЕКА УКРАИНА ЈА НАПАДНАЛА РЕЗИДЕНЦИЈАТА НА ПУТИН, КАЖА АМБАСАДОРОТ НА САД ВО НАТОМетју Витакер кажа дека досега нема никакви докази за наводниот напад (Фото: АП)

    Американскиот амбасадор во НАТО Метју Витакер изрази сомнеж во обвинувањата дека Украина ја нападнала резиденцијата на Владимир Путин во северна Русија, велејќи дека сака да види американски разузнавачки докази за тоа.

    Нејасно е дали тоа навистина се случило. Ми изгледа малку чудно да бидеме толку блиску до мировен договор, што Украина навистина го сака, а потоа да се направи нешто што би било неодговорно или некорисно“, рече Витакер.

    Русија сѐ уште не покажала докази дека нападот се случил. Информацијата за наводниот напад прв ја прошири рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој во понеделникот кажа дека Украина употребила 91 дрон, кои биле соборени од руската противвоздушна одбрана. Притоа немало жртви и штети, но Русија порача дека ќе ја преиспита и заостри својата преговарачка позиција и најави одмазда.

    Украина ја обвини Русија дека лаже и кажа дека досега не виделе никакви веродостојни докази за нападот. И покрај тоа, некои држави како Индија и Пакистан побрзаа да го осудат нападот, а Доналд Трамп кажа дека „не му се допаѓа тоа што се случи“, додавајќи дека засега немаат видено докази.

    За мене е најважно што ќе кажат разузнавачките служби на САД и нашите сојузници за тоа дали овој напад навистина се случил или не“, рече Витакер.

    Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, вчера одби да каже каде бил Путин во времето на наводниот напад. Кога новинарите го прашаа дали Русија има физички докази за да ги поткрепи своите тврдења, тој рече дека противвоздушната одбрана ги соборила дроновите, а прашањето за остатоците е за Министерството за одбрана.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира