Големо количество гас истекува од оштетениот гасовод Северен тек 2, на кој има навистина голема дупка, соопшти Данската агенција за енергетика, додавајќи дека тоа би можело да трае неколку дена, можеби и цела недела.
Оштетувања има и на Северен тек 1, другиот руски гасовод под Балтичко Море и шведската полиција соопшти дека го означила инцидентот како саботажа. Полска, Данска и Кремљ исто така не ја отфрлуваат можноста за саботажа, додека Украина ја обвини Русија дека ги предизвикала истекувањата, што го опиша како терористички напад.
„Русија сака да предизвика паника пред зимата“, изјави советникот на Зеленски, Михајло Подољак.
Сеизмографите во Шведска и Данска регистрирале моќни подводни експлозии во истите области во кои што се откриени истекувањата од двата гасовода.
„Нема сомнеж дека тоа биле експлозии“, изјави Бјерн Лунд од Националниот сеизмолошки центар на Шведска.
Данската војска објави снимки од истекувањето, кои покажуваат меурчиња на површината на морето кај данскиот остров Борнхолм.
„Најголемиот дел со разбранувано море има дијаметар од еден километар“, кажа војската.
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека е рано за заклучоци, додавајќи дека истекувања на повеќе места одеднаш не можат да бидат случајни.
Двата гасовода се во центарот на енергетската војна помеѓу Русија и Европа, што ги тресе западните стопанства и доведе до поскапување на гасот. Иако моментално не испорачуваат гас во Европа, тие и натаму содржат гас под притисок.