Семејството на Алон Охел, 23-годишниот српско-израелски државјанин кого Хамас го држи како заложник во Појасот Газа, ја доби првата информација дека тој е жив, повеќе од 490 дена откако беше киднапиран на музичкиот фестивал Нова. Неговата мајка Идит Охел кажа дека Алон имал повеќе повреди и Хамас го држел врзан во синџири во подземните тунели во Газа.
Таа изјави дека информацијата за судбината на нејзиниот син ја добила од двајца ослободени заложници, кои цело време биле со него.
„Алон имал повреда на око, рамо и рака од шрапнели. Цело време бил врзан и гладувал. Повеќе од една година му давале само едно лепче, не само на него, туку на сите кои биле со него“, изјави Идит Охел.
Роден во Нови Сад, младиот пијанист кој планирал да студира џез во Тел Авив бил заробен во една скривница близу фестивалот Нова, каде што милитантите на Хамас упаднаа на 7 октомври 2023, убивајќи стотици луѓе. Неговото семејство оттогаш немаше никаква информација дали е жив или мртов.
Хамас постепено почна да пушта заложници откако стапи на сила примирјето во Газа. Почесниот конзул на Србија во Израел, Александар Николиќ, изјави дека Охел треба да биде ослободен во втората фаза од примирјето.