Северна Кореја првпат објави фотографии од центрифуги кои произведуваат гориво за нуклеарни бомби, откако лидерот Ким Џонг Ун посети погон за збогатување ураниум. Тој притоа побара да се зголеми нуклеарниот арсенал на земјата.
Државните медиуми известија за посетата на Ким на Институтот за нуклеарно оружје и на база за производство на материјали за нуклеарно оружје, што беше проследено со фотографии од центрифуги, со што беше даден редок увид во севернокорејската нуклеарна програма, која е забранета со повеќе резолуции на Обединетите нации.
Фотографиите го прикажуваат Ким како шета меѓу долги редици на метални центрифуги, машини кои го збогатуваат ураниумот. Не е познато кога се случила посетата, ни каде се наоѓа погонот.
Ким ги повика работниците да произведуваат повеќе материјали за тактичко нуклеарно оружје, додавајќи дека нуклеарниот арсенал на земјата е клучен за соочување со заканите од САД и нивните сојузници.
„Оружјето е потребно за самоодбрана и за превентивен напад. Нуклеарните закани кон Северна Кореја ги преминаа црвените линии“, рекол Ким, додавајќи дека треба да се зголеми бројот на центрифуги.
Се верува дека Северна Кореја поседува неколку погони за збогатување ураниум.
„Центрифугите видени на фотографиите изгледаат пократки и помали од оние за кои се веруваше дека Северна Кореја ги користи, што кажува дека таа произведува сопствени центрифуги“, изјави Ли Санг-кју, јужнокорејски експерт за нуклеарно инженерство.