Жестоки борби продолжуваат во Северодоњецк, но гувернерот на Луганск, Серхиј Гајдај, тврди дека украинските сили и натаму ги контролираат индустриската зона и хемиската фабрика „Азот“, во која се кријат и стотици цивили.
Гајдај кажа дека вчерашните бомбардирања предизвикале голем пожар во фабриката, кој почнал по истекувањето на десетици тони нафта од оштетените радијатори.
Проруските сепаратистички власти тврдат дека во фабриката има меѓу 300 и 400 украински борци, додека украинската страна проценува дека во подземните засолништа се кријат до 800 цивили. Изградена во 1951 година, „Азот“ до војната беше третиот најголем производител на амонијак во Украина.
„Ситуацијата во Северодоњецк е тешка, но под контрола. Нашите војници победуваат во уличните борби, но непријателската артилерија ја уништува областа куќа по куќа“, вели Гајдај.
Тој признава дека најголем дел од градот сега е во руските раце, додека Москва вели дека ги контролира сите станбени области.
Украинските сили со недели даваа отпор во Мариупол, војувајќи од огромниот индустриски комплекс „Азовстал“.