Шефицата на американското разузнавање Талси Габард изјави дека иранскиот режим е недопрен, но во голема мера деградиран по речиси три недели американско-израелски напади. Во првото јавно сослушување во Конгресот од почетокот на војната, директорката на Националното разузнавање кажа дека САД очекувале да има проблеми во Ормускиот Теснец, низ кој минува една петина од светската нафта, но кој сега е затворен за најголемиот број бродови.
„Разузнавачката заедница проценува дека режимот во Иран изгледа недопрен, но во голема мера е деградиран поради нападите врз неговото раководство и воените капацитети“, рече таа.
Последниот висок функционер убиен во нападите е Али Лариџани, кој беше на чело на моќниот Врховен совет за национална безбедност.
Габард одби директно да одговори на прашањето од демократскиот сенатор Џон Ософ дали го сметала Иран за непосредна закана.
„Единствената личност која може да утврди што е, а што не е непосредна закана, е претседателот“, рече таа.
Шефот на американското контраразузнавање Џо Кент поднесе оставка оваа недела, велејќи дека Трамп бил намамен во војната од Израел, а Иран не претставувал непосредна закана за САД. На истото сослушување, шефот на ЦИА, Џон Ретклиф, кажа дека не се согласува со Кент.
„Мислам дека Иран е постојана закана за САД подолг временски период и претставува непосредна закана во овој момент“, рече Ретклиф.
Запрашана дали Трамп бил известен дека Иран би можел да го затвори Ормускиот Теснец, Габард кажа:
„Разузнавачката заедница имаше долгогодишна проценка дека Иран веројатно ќе го блокира Ормускиот Теснец. Пентагон беше подготвен за тоа дека Иран ќе ги напаѓа американските интереси во енергетските објекти низ регионот“.



