Илон Маск ја изгуби титулата најбогат човек на светот од Лари Елисон, коосновачот на софтверската компанија „Оракл“ и сојузник на Доналд Трамп. Богатството на Елисон скокна на 393 милијарди долари денеска, надминувајќи го она на Маск од 385 милијарди, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Акциите на „Оракл“ скокнаа за повеќе од 40% откако им даде на инвеститорите изненадувачки позитивна перспектива за нејзиниот бизнис со клауд инфраструктура и вештачка интелигенција.
Осумдесет и едногодишниот Елисон, чија нето вредност е поврзана со компанијата, постојано го зголемуваше своето богатство во изминатите пет децении.
Маск ја држеше титулата најбогат човек на светот речиси една година, но акциите во неговиот највреден бизнис „Тесла“ паднаа оваа година.
Кога Трамп се врати во Белата куќа во јануари, Елисон дојде заедно со Сем Алтман од „ОпенАИ“ и Масајоши Сон од „Софтбенк“ за да го објават проектот „Старгејт“ за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција во САД. „Оракл“ е и можен купувач на ТикТок.