Шест лица кои починаа во луксузен хотелски апартман во Тајланд биле отруени од пијалоци прелиени со цијанид, соопшти полицијата. Полицијата се сомнева дека зад труењето стои еден од загинатите, поради огромен долг.
Шестмината починати беа пронајдени мртви од куќните помошници во хотелот „Гранд Хајат Ераван“ во тајландската престолнина Бангкок доцна синоќа. Инспекторите веруваат дека тие веќе биле мртви 24 часа.
Двајца од шестмината позајмиле „десетици милиони тајландски бати“ на друг од починатите за инвестициски цели, соопштија властите. Десет милиони бати вредат скоро 280.000 долари. Конфузија и мистерија претходно го опкружуваа мрачното откривање на телата, при што локалните извештаи првично сугерираа дека имало пукање. Полицијата подоцна ги отфрли овие извештаи.
Сега се појавува појасна слика за тоа што би можело да се случи. На прес-конференција денеска, заменик-началникот на полицијата во Бангкок рече дека групата се пријавила во хотелот одделно во текот на викендот и им биле доделени пет соби – четири на седмиот кат и една на петтиот. Тие требало да се одјават во понеделникот. Четири од жртвите се виетнамски државјани меѓу кои и брачна двојка, а другите двајца се американски државјани.