Посмртните останки на шпанскиот диктатор Франсиско Франко денеска се преместуваат од голем мавзолеј во скромен гроб, 44 години по неговата смрт.
Тоа беше едно од клучните ветувања на социјалистичката влада, која кажа дека Шпанија веќе нема да величи фашист кој владееше со земјата повеќе од четири децении. Семејството на Франко водеше неуспешен судски спор за да ја спречи ексхумацијата. Таа почна утрово и останките ќе бидат пренесени со хеликоптер.
На само неколку луѓе им беше дозволено да присуствуваат, меѓу кои министерот за правда, свештеник и 22 потомци на Франко. Медиумите не добија пристап до местото. Севкупно, преместувањето на останките на Франко ќе чини 63.000 евра.
Тој беше погребан во Долината на паднатите, базилика на 50 километри од Мадрид, каде што почиваат повеќе од 30.000 жртви од двете страни на Шпанската граѓанска војна од 1930-ите. Наспроти ова, владата на Педро Санчес сакаше Долината на паднатите да биде место на сеќавање на жртвите на војната.
Франко ќе биде погребан на државните гробишта Ел Пардо во Мадрид, каде што почива и неговата сопруга.