Шпанскиот премиер Педро Санчес распиша предвремени парламентарни избори на 23 јули, ден откако владејачката левичарска коалиција доживеа тежок пораз од опозициските конзерцативци на регионалните избори.
„Иако вчерашните избори имаа локален и регионален карактер, исходот на гласањето пренесува поширока порака. Верувам дека е неопходно да одговориме и да го предадеме нашиот демократски мандат на волјата на народот“, изјави Санчес во ТВ-обраќањето.
Санчес претходно кажа дека сака да го одработи својот мандат докрај и дека изборите ќе се одржат во декември. Неговите Социјалисти (ПСОЕ) и сојузникот Подемос изгубија многу на вчерашните избори, додека конзервативната Народна партија (ПП) и крајнодесничарската Вокс остварија подобри резултати од очекувањата. ПП би можела да ѝ одземе дури осум региони на ПСОЕ, што ќе зависи од успехот на преговорите со Вокс.