Обвинителството на Барселона побара осум години затвор и парична казна од над 23 милиони евра за колумбиската поп ѕвезда Шакира, која се товари за даночна измама од 14,5 милиони евра, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Ова следува откако Шакира оваа недела ја одби понудата за спогодба, со која обвинителите сакаа да го затворат случајот за наводно даночно затајување од периодот од 2012 до 2014 година. Шакира (45) тврди дека во тој период воопшто не живеела во Шпанија.
„Шакира секогаш ги исполнувала своите даночни обврски и го смета овој случај за целосно кршење на нејзините права. Таа е целосно убедена во своја невиност и затоа не ја прифаќа спогодбата“, соопштија адвокатите на Шакира пред три дена.
Деталите од спогодбата не беа објавени, но со нејзиното одбивање, случајот ќе добие судска разврска.
Шакира има две деца со фудбалерот Жерард Пике, со кого живееше во Барселона. Тие неодамна се разделија по 11 години врска.