Швајцарските истражни органи брзаат да ги идентификуваат жртвите од катастрофалниот пожар што го зафати преполниот бар во алпскиот ски-центар Кран-Монтана. Во несреќата загинаа околу 40 лица, а 115 беа повредени додека прославувале Нова година во барот „Ле Констелајшн“.
Претседателот Ги Пармелин соопшти дека државата ќе одржи петдневна национална жалост, опишувајќи го пожарот како еден од најтрауматичните настани во историјата на Швајцарија и драма од непознати размери во која беа прекинати многу млади животи.
Пармелин рече дека земјата им должи на овие млади луѓе, кои ги загубија своите надежи и соништа, да осигура дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори. Огнот избувнал околу 1:30 часот по полноќ во четвртокот, а иако причината сè уште официјално не е утврдена, сведоци тврдат дека пожарот започнал откако биле користени прскалки во шишиња со шампањ. Очевидци за медиумите опишуваат како еден од вработените носел колешка на раменици која држела запалена прскалка на врвот на шише, по што пламенот го зафатил дрвениот таван и предизвикал негово брзо уривање.
Пламенот се проширил за само неколку секунди, при што го зафатил преполниот подрум каде што имало голем број гости, претежно тинејџери. Сведоците опишуваат хаотични сцени и метеж додека луѓето очајно се обидувале да се спасат преку тесните скали на објектот. Швајцарската полиција предупреди дека процесот на идентификација на настраданите може да трае со денови или недели, а точниот број на луѓе кои биле во барот во моментот на несреќата сè уште не е прецизиран.
Главната обвинителка на кантонот, Беатрис Пилу, изјави дека се ангажирани значителни ресурси за идентификација на жртвите и нивно предавање на семејствата во најкраток можен рок. Таа одби да ги коментира извештаите дека запалените прскалки се причина за катастрофата, нагласувајќи дека истрагата допрва треба да ги утврди точните околности, вклучително и тоа дали барот ги исполнувал безбедносните стандарди и дали имал доволно излези. Во меѓувреме, стотици граѓани се собраа на ноќно бдеење на ниските температури, палејќи свеќи за оние кои се водат како исчезнати или се тешко повредени.



