Шведска и формално побара од Кина да соработува во истрагата за оштетувањето на два телекомуникациски кабли во Балтичкото Море откако кинески брод беше поврзан со овие инциденти. Каблите, од кои еден ги поврзува Шведска и Литванија, а другиот се протега од Финска до Германија, се оштетени во шведските територијални води на 17 и 18 ноември.
Се верува дека кинескиот брод „Ји Пенг 3“ бил во таа област во тоа време, а сега е закотвен во меѓународните води близу Данска. Пекинг негираше дека е вмешан во саботажите и изрази подготвеност да соработува со Шведска и други земји.
Бродот го напуштил руското пристаниште Уст-Луга на 15 ноември и два дена подоцна бил пресечен кабел меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд. На 18 ноември бил пресечен и кабел што оди од Хелсинки до Росток. Податоци од сајтови кои следат бродови покажуваат дека „Ји Пенг 3“ пловел преку каблите во времето кога биле пресечени.
„Вол стрит џурнал“ објави дека истражителите се сомневаат дека бродот намерно ги оштетил каблите така што го фрлил и влечел сидрото по морското дно повеќе од 160 километри. Бродот се наоѓа во теснецот Категат од 19 ноември и е под надзор на данската морнарица.
„Испративме формално барање до Кина да соработува со шведските власти, со цел да се разјасни што се случило. Сметаме дека е исклучително важно да се открие што точно се случило и, се разбира, очекуваме и Кина да одговори на барањето што го испративме“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатата недела кажа дека никој не верува дека каблите биле пресечени случајно.