Скорпии избодеа до смрт тројца луѓе во јужниот египетски град Асуан откако силна бура ги донесе на улиците и во домовите. Околу 450 луѓе се повредени од скорпиите, кажаа од египетското министерство за здравство и додадоа дека дополнителни дози на противотров се обезбедени во медицинските центри во селата близу планините и пустината. Доктори се прераспоредени од вакциналните пунктови за да ги лечат луѓето избодени од скорпии.
Властите апелираа до граѓаните да останат дома и да избегнуваат места со многу дрвја.
Во Египет живеат скорпиите со дебел опаш, кои се едни од најопасните во светот. Отровот од овие скорпии може да убие човек за помалку од еден час. Симптомите по убод од скорпија се тешко дишење, грчеви во мускулите и невообичаени движења на главата.
Противотровот се користи како превентивна мерка пред да се појават симптомите, но може да помогне и откако ќе се влошат симптомите.