Шефицата на американската воена база на Гренланд е сменета откако испратила е-пошта во која се оградила од критиките на потпретседателот Џеј-Ди Венс на Данска. Американската војска потврди дека Сузана Маерс е тргната од својата позиција во базата Питуфик поради „изгубената доверба во нејзините раководни способности“.
При посетата на островот на 31 март, Венс кажа дека Данска не завршила добра работа за Гренланд и не го заштитила доволно. Маерс потоа испратила е-пошта во која рекла дека ставовите на Венс не ги одразуваат оние на базата.
„Не велам дека ја разбирам актуелната политика, но она што го знам е дека загриженоста на американската администрација за која збореше потпретседателот Венс не е одраз на вселенската база Питуфик“, напишала Маерс во мејлот што го објави еден воен сајт.
Портпаролот на Пентагон изјави дека министерството за одбрана нема да толерира поткопување на американското раководство.
По посетата на Венс, Гренланд и Данска покажаа заедништво, спротивставувајќи се на барањата на САД за анексија на островот. Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека Данска го утврдува своето воено присуство на Гренланд и понуди поблиска соработка со САД во одбраната на регионот.