Русија објави дека уништила десетици проектили и дронови лансирани од територијата на Украина, ден по големиот руски ракетен напад, во кој загинаа најмалку 34 цивили. Локалните власти кажаа дека загинале две лица, вклучувајќи дете.
Руското министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана соборила 13 проектили и 32 дронови над руските региони Белгород, Брјанск, Курск, Орјол и Москва. Гувернерот на Брјанск, Александар Богомаз, изјави дека биле нападнати две села, при што загинало дете родено во 2014. Уште еден маж загинал во Белгород, а четири лица биле ранети.
Овие напади следуваат по она што Киев го нарече најголемиот руски воздушен напад од почетокот на војната, чија мета беа градови низ целата земја, меѓу кои и Киев и Лвов. Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека денеска се извлечени уште четири тела од урнатините на погодено складиште, со што бројот на загинати во градот порасна на 13, а во целата земја на 34.