Осум ученици беа спасени неповредени откако со часови висеа на врвот на ролеркостер кој заглави во Тексас. На фотографиите од инцидентот се гледа ролеркостер заглавен на врвот на огромен речиси вертикален пад на ролеркостерот „Ајрон шарк“ со поглед на Мексиканскиот Залив на пристанишниот док „Плежур пиер“ во Галвестон.
Осумте млади луѓе – сите ученици од две училишта во блискиот град Хјустон – поминаа речиси четири часа заглавени во кабината, со нозете висејќи во воздух на жешкото сонце додека локалниот персонал за итни случаи се обидуваше да ги спаси. На крајот, пожарникарите проширија огромна скала за спасување до учениците и, користејќи појаси, ги извлекоа од ролеркостерот и ги вратија на земја овозможувајќи им да се симнат по скалите на безбедно.
Мајк Варела, шеф на противпожарната служба на Галвестон, на прес-конференција изјави дека учениците се добро и неповредени.
„Секако дека беа потресени од симнувањето по скалите, на тоа жешко сонце“, рече тој. „Прегледани за дехидрација и сите се чини дека се чувствуваат прилично добро“, рече тој.
Тери Терни, главен оперативен директор на „Плежур пиер“, рече дека ролекотерот застанал поради дефект што предизвикало итно запирање додека бил на пат до врвот. Долгиот пристанишен док се протега во океанот со ролеркостерот и многу други возила директно над водата.
„Ролеркостерот доживеа дефект при почетното искачување, но, како што е дизајниран, веднаш застана за да се заштитат сите“, рече тој. „Нашиот фокус веднаш се префрли на безбедноста на нашите гости. Затоа, контактиравме со противпожарната служба за да помогнеме, да осигураме дека сите гости се безбедно извлечени од ролектостерот. Ќе се изврши темелна проверка пред да се врати во употреба“, се додава во соопштението.
Округот на независни училишта во Хјустон изјави: „Благодарни сме што сите ученици, персонал и придружници се безбедни. Училишната администрација е во директен контакт со семејствата на сите ученици кои биле на патувањето.“



