Спасувачи од Малта пронашле стотици тела на една плажа во либискиот град Дерна, која пред неколку дена беше погодена од катастрофална поплава, предизвикана од пукањето на две брани среде бурата Даниел. Четиричлен тим на одделот за цивилна заштита на Малта налетал на страшното откритие откако прво пронашол пештера во морето, во која имало седум тела, вклучувајќи три деца.
„Нашиот тим пронајде полупотопена пештера во која имаше седум тела. Откако продолжи со потрагата, тие налетаа на мал залив исполнет со ѓубре и стотици лешеви. Веројатно ги имаше 400, тешко е да се каже“, изјави Наталино Бецина, шефот на спасувачкиот тим од Малта.
Точниот број загинати и натаму не е познат и во зависност од изворот, варира од 6.000 до 11.000. Во Дерна, која имаше 100.000 жители, околу 30.000 останале без дом по поплавата налик на цунами.
„Илјадници луѓе нема каде да спијат и немаат храна. Во вакви услови, болести лесно се шират бидејќи водоводниот систем е загаден. Градот мириса на смрт“, изјави Салах Абулгасем од организацијата Исламска помош.