СПОТИФАЈ ЌЕ ДОДАДЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА СОДРЖИНИТЕ ЗА КОВИД-19 ЗА ДА СПРЕЧИ ШИРЕЊЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИ

    СПОТИФАЈ ЌЕ ДОДАДЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ НА СОДРЖИНИТЕ ЗА КОВИД-19 ЗА ДА СПРЕЧИ ШИРЕЊЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИПлатформата во изминатиот период беше критикувана за соработката со поткастерот Џо Роген (Фото: Гети)

    Спотифај објави дека планира да додаде советодавно предупредување на сите поткасти на својата платформа во кои се дискутира за ковид-19. Извршниот директор Даниел Ек кажа дека ова ново предупредување ќе ги насочува корисниците кон база на факти за коронавирусот.

    Ова следува откако платформата беше критикувана за соработката со американскиот поткастер Џо Роген, кој правеше интервјуа со личности скептични кон вакцините.

    Платформата исто така објави правила според кои нејзините соработници не смеат да споделуваат лажни информации кои можат да предизвикаат штета.

    „Ми стана јасно дека имаме обврска да обезбедиме рамнотежа и пристап до широко прифатените информации од медицинската и научната заедница кои нè водат низ овие досега невидени времиња“, изјави Ек.

    Тој додаде дека правилата на Спотифај се создадени во соработка со тим на надворешни експерти и редовно се ажурираат. Содржините кои ги прекршуваат правилата, вклучувајќи ги оние кои тврдат дека ковид-19 или други болести не се вистински, ќе бидат отстранети.

    Нил Јанг и Џони Мичел се меѓу музичарите кои во изминатите денови побараа нивната музика да биде тргната од платформата поради антиваксерските емисии на Џо Роген, а загриженост изразија и принцот Хари и Меган Маркл.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира