Американските разузнавачи спречиле руски заговор за атентат врз извршниот шеф на најголемата германска компанија за производство на оружје „Рајнметал“, што требало да биде одмазда за нејзината улога во снабдувањето на Украина со големи количества оружје. Заговорот за убиство на Армин Папергер бил еден од неколкуте руски владини планови за ликвидација на шефови на одбранбената индустрија во Европа, кои ја поддржуваат Украина во војната со Русија, изјавија неименувани американски функционери за Си-Ен-Ен.
„Планот за убиството на Папергер бил во најнапредната фаза од сите планови“, велат истражителите.
Американските власти веднаш ги информирале своите германски колеги, по што било засилено обезбедувањето околу Папергер и „Рајнметал“. Тој изјави за „Фајненшл тајмс“ дека германската влада поставила високо ниво на обезбедување околу него, иако директно не ги потврди заканите.
„Рајнметал“ е еден од најголемите производители на муниција и оружје во светот и значително го зголеми обемот на работа по почетокот на руската инвазија. Компанијата најави дека ќе отвори фабрика и во Украина.