Руско видео кое наводно прикажува српски доброволци како тренираат за да војуваат во Украина предизвика гнев во Србија и ги откри нејзините сложени врски со Русија. Платеничката група „Вагнер“ сними видеа на српски јазик за да привлече регрути за војната, на што српскиот претседател Александар Вучиќ луто реагираше на националната телевизија.
„Зошто вие од ‘Вагнер‘ повикувате луѓе од Србија кога знаете дека тоа е спротивно на нашите закони“, кажа Вучиќ.
Србија често се критикува што му дава предност на пријателството со Русија пред амбициите за членство во ЕУ, но во изминатите денови, Вучиќ призна дека со месеци не разговарал со Владимир Путин.
Според српските закони, нелегално е да се учествува во воени конфликти во странство, но одреден број Срби веќе се бореше покрај руските сили во источна Украина во 2014. Повеќе од 20 потоа беа осудени за војување во странство.
Мурал посветен на „Вагнер“ се појави во Белград минатата недела, потпишан од крајнодесничарската организација Народна патрола, која има организирано маршеви за поддршка на Путин. Сепак, ниедна популарна политичка партија досега не ја поддржала руската инвазија, а Србија редовно гласаше за резолуциите на Обединетите нации со кои беше осудувана.
„За нас, Крим и Донбас се Украина и така и ќе остане“, изјави Вучиќ оваа недела.
Сепак, ова не е доволно за Брисел, зашто Србија упорно одбива да се придружи на санкциите за Русија.