Стотици припадници на американските специјални сили, вклучувајќи ги елитните „морнарички фоки“ и „армиски ренџери“, сега се наоѓаат на Блискиот Исток, објави „Си-Би-Ес њуз“ Илјадници американски маринци и падобранци се исто така во регионот.
Извори за „Си-Би-Ес“ велат дека распоредувањата имаат за цел да му дадат на Доналд Трамп алтернативни опции во Иран, вклучувајќи операции што би можеле да вклучуваат отворање на Ормускиот Теснец, заземање нафта на стратешки важниот остров Харг и запленување на иранските залихи на збогатен ураниум.
Пентагон и Белата куќа досега одбиваа да коментираат за специфични распоредувања на трупи или за потенцијални планови, но постојано ставаа до знаење дека сите опции се достапни. Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф предупреди дека иранските сили ги чекаат американски војници и дека „ќе фрлат оган врз сите што ќе се обидат да влезат на иранска територија“.
Во саботата, Централната команда на американската војска соопшти дека 3.500 морнари и маринци пристигнале со бродот „Триполи“ на Блискиот Исток. „Њујорк тајмс“ објави дека бројот на американски војници на Блискиот Исток сега пораснал на 50.000 и тие се стационирани во осум држави. Сепак, според еден американски функционер, ова и натаму не е доволно за целосна инвазија врз Иран.
Трамп досега нема донесено одлука за копнен напад, но му се закани на Иран со големи уништувања ако наскоро не прифати договор што го нудат САД.



