Масовни протести предводени од ученици за построга контрола на оружјето се одржaa низ Америка. Протестите, насловени „Марш за нашите животи“, се поттикнати од движење за промени откако 17 ученици и наставници беа убиени од вооружен напаѓач во средно училиште во Флорида минатиот месец.
На маршот во Вашингтон присуствуваа половина милион демонстранти. Вкупно беа планирани 800 протести во САД и во градови во други земји, како Лондон, Единбург, Женева, Сиднеј и Токио.
Демонстрантите сакаат да го искористат незадоволството во јавноста по масакрот на 14 февруари во средното училиште во Паркленд и да ги убедат американските политичари конечно да преземат одлучни мерки, вклучувајќи ја и забраната за продажба на автоматски пушки.
Сепак, Американците се длабоко поделени по ова прашање. Правото на носење оружје е заштитено со вториот амандман на американскиот устав и лобито на Националната стрелачка асоцијација (НРА) е многу влијателно.