ТАЈЛАНД И КАМБОЏА ГИ ЗАСИЛУВААТ БОРБИТЕ ДОЛЖ СПОРНАТА ГРАНИЦА, ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ГО БРАНАТ СВОЈОТ СУВЕРЕНИТЕТ

    ТАЈЛАНД И КАМБОЏА ГИ ЗАСИЛУВААТ БОРБИТЕ ДОЛЖ СПОРНАТА ГРАНИЦА, ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ ГО БРАНАТ СВОЈОТ СУВЕРЕНИТЕТДвете земји евакуирале стотици илјади луѓе од пограничните области (Фото: АП)

    Борбите помеѓу Камбоџа и Тајланд ескалираа по должината на нивната спорна граница додека соседите од Југоисточна Азија порачуваат дека нема да се откажат од одбраната на својот суверенитет. Со оглед на тоа што двете страни меѓусебно се обвинуваат за обновување на судирите вчера, нејасно е како и дали може да се спаси кревкиот прекин на огнот постигнат со посредство на Доналд Трамп во јули.

    Влијателниот поранешен лидер на Камбоџа, Хун Сен, изјави дека неговата земја чекала 24 часа за да го почитува прекинот на огнот и да дозволи евакуација, пред да започне контранапади против тајландските сили ноќеска.

    Во Тајланд, воени функционери изјавија дека имало судири во пет погранични провинции, а операцијата во провинцијата Трат за протерување на камбоџанските војници се очекува наскоро да заврши. Тие рекоа дека Камбоџа користи артилерија, ракетни лансери и дронови во нападите врз тајландските сили.

    „Тајланд е решен да ги брани своите суверенитет и територијален интегритет и затоа мора да се преземат воени мерки по потреба“, изјави портпаролот на министерството за одбрана Сурасант Конгсири.

    Министерството за одбрана на Камбоџа го обвини Тајланд за „брутални и незаконски дејствија“, велејќи дека од вчера загинале девет цивили, а 20 се тешко повредени. Тајландските власти соопштија дека во борбите загинале тројца војници, а 29 лица се повредени. Двете земји евакуирале стотици илјади луѓе од пограничните области.

    Тензиите се зголемија откако Тајланд минатиот месец ги суспендираше мерките за деескалација, што беа договорени на самит под надзор на Трамп, откако еден тајландски војник настрада од нагазна мина. Ова се најжестоките судири од петдневните борби во јули, кога загинаа најмалку 48 луѓе, а 300.000 беа раселени.

    Тајланд и Камбоџа повеќе од еден век го оспоруваат суверенитетот на необележани точки долж нивната копнена граница од 817 километри.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира