Опишувајќи го како кловн, гениј, визионер, индустријалец и шоумен, магазинот „Тајм“ го прогласи Илон Маск за личност на годината.
Извршниот директор на „Тесла“ и основач на компанијата за вселенски истражувања „СпејсЕкс“, кој неодамна го надмина Џеф Безос како најбогат човек на светот, во последно време беше критикуван за својот однос кон даноците, спротивставување на синдикатите и поради омаловажување на заканата од ковид-19, поради што некои го опишаа изборот на „Тајм“ како најлош на сите времиња.
„Тајм“ нагласи дека неговиот годишен избор не е награда, туку истакнување на личноста која имала најголемо влијание врз настаните во годината што изминува, добро или лошо. Од магазинот истакнуваат и дека Маск има армија лојални следбеници на социјалните мрежи, вклучувајќи 66 милиони на Твитер, преку кои комуницира со светот на еден нетрадиционален начин и влијае врз него.
Иако стана профитабилна пред само неколку години, „Тесла“ денес е убедливо највредната автомобилска компанија на светот, додека „СпејсЕкс“ стана партнер со НАСА за идни мисии во вселената.