Шефот на „Тесла“ Илон Маск ќе добие премија од еден трилион долари ако исполни листа на амбициозни цели до крајот на деценијата, објави управниот одбор на компанијата.
За да го добие пакетот, Маск, кој веќе е најбогатиот човек во светот, ќе треба да ја зголеми вредноста на „Тесла“ осумкратно, да продаде милион роботи со вештачка интелигенција, да продаде уште 12 милиони автомобили „тесла“ и да постигне неколку други цели што се очекуваат од него.
Маск нема да добива плата или бонус, туку постепено ќе му се доделуваат акции што би вределе еден трилион долари. Управниот одбор ги повика инвеститорите да гласаат за пакетот.
„Растот што денес можеби изгледа невозможен може да се оствари со нови идеи, подобра технологија и поголема иновација. Задржувањето и стимулирањето на Илон е од фундаментално значење за ‘Тесла‘ да ги постигне овие цели и да стане највредна компанија во историјата“, рече претседателката на „Тесла“, Робин Денхолм.
Ова следува откако Маск минатиот месец доби акции вредни 29 милијарди долари откако неговата оригинална премија од 50 милијарди долари беше поништена од американскиот суд поради неправедност кон акционерите.