„ТИТАН“ НАСТРАДА ЗАШТО НЕ СЕ ПОЧИТУВАА ПРЕДУПРЕДУВАЊА, ИСТО КАКО „ТИТАНИК“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ЏЕЈМС КАМЕРОН, КОЈ 33 ПАТИ ГИ ПОСЕТИЛ ОСТАТОЦИТЕ НА БРОДОТ

    „ТИТАН“ НАСТРАДА ЗАШТО НЕ СЕ ПОЧИТУВАА ПРЕДУПРЕДУВАЊА, ИСТО КАКО „ТИТАНИК“, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ЏЕЈМС КАМЕРОН, КОЈ 33 ПАТИ ГИ ПОСЕТИЛ ОСТАТОЦИТЕ НА БРОДОТКамерон стана истражувач на длабоки мориња во 1990-ите додека го снимаше филмот „Титаник“ (Фото: Гети)

    Филмскиот режисер и производител на подводни пловила Џејмс Камерон изјави дека жали што порано не го вклучил алармот за подморницата „Титан“, која имплодирала додека беше на експедиција кон остатоците на „Титаник“, додавајќи дека заклучил дека дизајнот на трупот бил ризичен.

    Камерон стана истражувач на длабоки мориња во 1990-ите додека го снимаше својот наградуван филм „Титаник“, а денес е делумен сопственик на фирмата „Тритон сабмаринс“, која создава подводни пловила за истражување и туризам. Тој исто така е дел од мала и тесно поврзана заедница чија страст се подводни пловила и вели дека бил скептичен кога слушнал дека „Оушнгејт“ прави пловило за големи длабочини од композитни јаглеродни влакна и титаниум.

    „Помислив дека тоа е ужасна идеја. Би сакал да сум кажал нешто, но мислев дека некој е попаметен од мене, зашто јас никогаш не сум експериментирал со таква технологија. Сепак, идејата ми се чинеше лоша“, вели Камерон, кој 33 пати се спуштил до „Титаник“.

    Причината за имплозијата на „Титан“ допрва ќе се утврдува, но Камерон смета дека критичарите биле во право кога предупредуваа дека труп од јаглеродни влакна и титаниум ќе овозможи раслојување и микроскопско навлегување вода, што со тек на време ќе се влошува. Некои експерти и поранешни вработени во „Оушнгејт“ ја имаат критикувано компанијата што решила да не бара одобрение за „Титан“, туку да го води како експериментално пловило.

    Вчера беше потврдено дека „Титан“ имплодирал додека бил на пат кон остатоците на „Титаник“, при што загинаа сите петмина патници, вклучувајќи го извршниот директор на „Оушнгејт“, Стоктон Раш. Камерон вели дека од свои извори веднаш сфатил што се случило со „Титан“.

    „На трагедиите на ‘Титаник‘ и ‘Титан‘ им претходеа предупредувања што не се почитувале. На истото место сега имаме остатоци кои лежат до други остатоци од иста причина“, заклучи Камерон.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира