Товарни авиони на руската војска се запалени на аеродромот во северозападниот град Псков, откако Русија се соочи со најголемиот напад со дронови од почетокот на војната во Украина. Русија возврати со воздушен напад на Киев, во кој загинаа две лица.
Руското министерство за одбрана соопшти дека украински дронови биле соборени над регионите Москва, Ориол, Брјанск, Рјазан и Калуга, додека при нападот на аеродромот во Псков бил предизвикан голем пожар, во кој се оштетени четири транспортни авиони „ил-78“. Гувернерот на Псков, Михаил Ведерников, изјави дека наредил затворање на аеродромот за сите летови денеска. Тој додаде дека во нападот немало жртви, а пожарот во меѓувреме бил ставен под контрола.
Псков се наоѓа близу Естонија и Летонија, стотици километри од воената зона во Украина.
Украинските воздушни сили објавија дека биле соборени сите 28 руски проектили и 15 од 16 дронови кои ноќеска биле испукани кон Украина. Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека остатоци од соборените проектили усмртиле две лица во нестанбена зграда.
„Киев не искусил вака моќен напад од пролетоска. Непријателот лансираше масивен, комбиниран напад со дронови и проектили. Неколку згради се оштетени“, изјави шефот на воената управа на Киев, Серхиј Попко.