Доналд Трамп го потпиша законот со кој се наредува објавување на сите документи поврзани со сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстајн. Законот бара од министерството за правда на САД да ги објави сите документи од истрагите за Епстајн во лесно достапен формат во рок од 30 дена.
Трамп долго време се противеше на ова, но го промени ставот оваа недела, соочувајќи се со голем притисок од сопствените сопартијци и жртвите на Епстајн. Законот за транспарентност на досиејата Епстајн потоа беше изгласан речиси едногласно во Претставничкиот дом и во Сенатот, при што само еден пратеник беше против.
„Можеби вистината за овие демократи и нивните врски со Џефри Епстајн наскоро ќе биде откриена, бидејќи јас само што го потпишав законот за објавување на досиејата на Епстајн“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Досиејата се состојат од илјадници документи од кривичните истраги против Епстајн, вклучувајќи транскрипти од интервјуа со жртви и сведоци и предмети запленети при рации на неговиот имот. Тие се разликуваат од повеќе од 20.000 страници документи што беа објавени од Конгресот минатата недела, вклучувајќи и некои во кои директно се споменува Трамп.
Трамп беше пријател со Епстајн со години, но рече дека се скарале на почетокот на 2000-тите, две години пред Епстајн првпат да биде уапсен. Трамп постојано негираше какво било кривично дело во врска со Епстајн.
„Ние нема што да криеме. Републиканците немаа никаква врска со Епстајн. Тој е проблем на демократите. Тие беа пријатели на Епстајн“, кажа Трамп во понеделникот.
Јавната обвинителка Пем Бонди сега е должна да ги објави сите некласифицирани записи, документи, комуникации и истражни материјали поврзани со Епстајн и неговата соработничка Гилејн Максвел најдоцна 30 дена по донесувањето на законот. Но, законот ѝ дозволува на Бонди да задржи некои досиеја доколку се смета дека нарушуваат лична приватност или се однесуваат на активна истрага.



