Доналд Трамп ја повлече поканата за членство на Канада во неговиот новоформиран Одбор за мир, во најновиот спор помеѓу северноамериканските соседи.
„Дозволете ова писмо да послужи како потврда дека Одборот за мир ја повлекува својата покана во врска со приклучувањето на Канада“, напиша Трамп на Трут соушл во објава упатена до премиерот Марк Карни.
Канада претходно најави дека ќе се приклучи на Одборот, но нема да плати една милијарда долари за тоа, колку што се бара од постојаните членки.
Шефот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека европските лидери имаат сериозни сомнежи во врска со некои елементи на Одборот, но се подготвени да соработуваат со него. Ова тело првично требаше да се фокусира на Газа, но Трамп кажа дека би можел да има поширока улога и да решава конфликти низ светот.
Трамп, кој ќе претседава со Одборот, не даде појаснување за одлуката за Канада. Во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, Карни повика „средните сили да се здружат поради економска принуда од поголемите сили“, без да го спомне Трамп.
„Канада живее поради САД. Сети се на тоа Марк кога следниот пат ќе даваш изјави“, му одговори Трамп.
Според Белата куќа, покана за членство била испратена до 60-ина држави, од кои околу 35 прифатиле. На вчерашното потпишување на повелбата на Одборот за мир присуствуваа 19 држави, меѓу кои и Косово, Бугарија, Турција, Саудиска Арабија и Пакистан. Русија најави дека ќе уплати милијарда долари за членство во Одборот, барајќи за тоа да се искористат замрзнатите руски средства во САД.
Франција, Шведска, Норвешка и Шпанија се меѓу земјите кои јавно ја одбија поканата за членство.



