Доналд Трамп објави дека наредил преместување на две нуклеарни подморници како одговор на провокативните коментари на некогашниот руски претседател Дмитри Медведев, кој сега е заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност. Тој изјави дека подморниците се распоредени во „соодветните региони“, без да каже каде точно.
„Дејствував за секој случај ако овие глупави и провокативни изјави се нешто повеќе од тоа. Зборовите се многу важни и често можат да доведат до несакани последици, се надевам дека ова нема да биде еден од тие случаи“, кажа Трамп.
Медведев објави неколку коментари на социјалните мрежи во изминатите денови, заканувајќи им се на САД по ултиматумите што Трамп му ги упати на Владимир Путин околу Украина. Трамп неделава го повика Путин да прифати прекин на огнот во рок од десет дена или ќе ѝ воведе царини и други мерки на Русија. Претходниот рок беше 50 дена.
„Трамп игра игра на ултиматуми со Русија, 50 дена или 10. Тој би требало да запомни две работи: прво Русија не е Израел, ниту Иран и второ, секој нов ултиматум е закана и чекор поблиску до војна. Не помеѓу Русија и Украина, туку со неговата земја. Не оди по патот на Поспаниот Џо“, кажа Медведев неделава, алудирајќи на прекарот што Трамп го користи за Џо Бајден.
Медведев за првиот ултиматум кажа дека е театрален и дека на Русија не ѝ е гајле.
Трамп за првпат отворено најави санкции за Русија по вчерашниот напад врз Киев, во кој имаше најмалку 31 загинат.
„Одвратно е тоа што го прави Русија. Ќе им воведеме санкции, но не сум сигурен дека се загрижени поради тоа“, рече Трамп.