ТРАМП ЌЕ НАЗНАЧИ НОВ АМЕРИКАНСКИ АМБАСАДОР ВО МАКЕДОНИЈА

    ТРАМП ЌЕ НАЗНАЧИ НОВ АМЕРИКАНСКИ АМБАСАДОР ВО МАКЕДОНИЈААнџела Агелер е на функцијата од август 2022 (Фото: СДК.МК)

    Доналд Трамп ќе назначи нов американски амбасадор во Македонија зашто нема да биде продолжен мандатот на актуелната амбасадорка Анџела Агелер, која е на функцијата од август 2022. Мандатите на американските амбасадори траат три години.

    Според новинската агенција АП, владата на Трамп ќе ги промени амбасадорите во најмалку 29 држави низ целиот свет. Тие биле известени минатата недела дека нивните мандати ќе завршат следниот месец. Во Европа оваа одлука ќе ги погоди и Ерменија, Словачка и Црна Гора.

    Сите амбасадори на кои им се подготвува смена ги презедоа своите функции во времето на администрацијата на Џо Бајден, но ја преживеаја почетната чистка во првите месеци од вториот мандат на Трамп.

    „Оние кои се погодени од реконструкцијата нема да ги изгубат своите работни места во надворешната служба, туку ќе се вратат во Вашингтон за други задачи доколку сакаат да ги вршат“, рекоа официјални лица за АП.

    Стејт департментот одби да коментира за конкретни бројки, но ги бранеше промените, нарекувајќи ги „стандарден процес во која било администрација“.

    Покрај Европа, амбасадори ќе се менуваат и во земји од Африка, азиско-пацифичкиот регион, Блиски Исток и Јужна Америка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира