ТРАМП НАРЕДИ ДА СЕ ИСПРАТАТ МАРИНЦИ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС НА ЧЕТВРТИОТ ДЕН НА ПРОТЕСТИТЕ

    ТРАМП НАРЕДИ ДА СЕ ИСПРАТАТ МАРИНЦИ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС НА ЧЕТВРТИОТ ДЕН НА ПРОТЕСТИТЕВладата на Трамп ги означи протестите како незаконски и ги обвини локалните власти дека не презеле ништо за да ги спречат (Фото: АП)

    Владата на Доналд Трамп нареди да се испратат маринци во Лос Анџелес и да се засилат рациите на осомничените имигранти без документи, што поттикна нови улични протести и ги загрижи демократските политичари дека би можело да дојде до национална криза. Се очекува околу 700 маринци стационирани во јужна Калифорнија да пристигнат во Лос Анџелес како дел од сојузната стратегија да се смират уличните протести поради рациите на имигрантите.

    Иако нивната мисија да ги заштитат федералните објекти и персонал е привремена додека не пристигне целосниот контингент од 4.000 припадници на Националната гарда, ваквото распоредување е вонредна употреба на воена сила за поддршка на полициска операција. Во исто време, министерката за домашна безбедност Кристи Ноем најави нови рации, поради кои и избија протестите. Владата на Трамп ги означи протестите како незаконски и ги обвини локалните демократски власти дека не презеле ништо за да ги спречат.

    Калифорнија ја тужи владата на Трамп за да го блокира распоредувањето на маринците и гардистите, додека Трамп се закани дека ќе го уапси гувернерот Гевин Њусом.

    Објавата за распоредувањето на маринците дојде на четвртиот ден на протестите, кога полицијата почна да ги растерува илјадниците демонстранти собрани пред сојузен притвор во центарот на Лос Анџелес, каде што се држат имигранти. Полицијата кажа дека имало и апсења.

    Без да се повика на Законот за бунт, Трамп може да распореди маринци во одредени законски услови или во рамките на неговата надлежност како врховен командант. Војската последен пат била искористена според овој закон во 1992 година, кога тогашниот гувернер на Калифорнија го повикал претседателот Џорџ Буш да помогне во смирувањето на големите немири во Лос Анџелес.

    Њусом тврди дека е негова обврска како гувернер да ја повика Националната гарда, означувајќи го потегот на Трамп како „непогрешлив чекор кон авторитаризам“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира