Доналд Трамп наредил напади на мети во Венецула, вклучувајќи воени објекти, изјавија американски функционери за „Си-Би-Ес њуз“, што следува откако утрово се слушнале експлозии и прелети на авиони во главниот град Каракас. Очевидци изјавија дека се погодени воениот аеродром „Ла Карлота“ во центарот на градот и главната воена база во Фуерте Тиуна, а неколку населби се без струја.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи национална вонредна состојба и ги повика општествените и политичките сили да активираат планови за мобилизација. Тој ги осуди нападите како американски обид да се земат венецуелските нафта и минерали.
„Венецуела ја отфрла и осудува исклучително сериозната воена агресија извршена од сегашната влада на Соединетите Американски Држави врз венецуелската територија“, соопшти владата на Венецуела.
Покрај Каракас, напади се регистрирани и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира.
Трамп ветуваше дека САД ќе почнат копнени операции во Венецуела откако американската војска во изминатите месеци напаѓаше бродови кои наводно превезуваат дрога и значително го засили своето присуство во Карибите, вршејќи огромен притисок врз претседателот Николас Мадуро. Минатиот месец Трамп објави блокада на сите санкционирани бродови што влегуваат или излегуваат од венецуелските води.



