Ники Хејли вети дека ќе продолжи со својата кампања и откако го доживеа вториот пораз од Доналд Трамп на внатрепартиските избори на кои што Републиканците го избираат кандидатот за годинашните претседателски избори. По убедливата победа во Ајова минатата недела, Трамп ќе победи и во Њу Хемпшир, каде што има 10% повеќе гласови во однос на Хејли.
Поранешната амбасадорка во Обединетите нации остана единствениот конкурент на Трамп, откако гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, неочекувано се повлече од трката во неделата.
„Му честитам на Трамп, ја заслужи победата во Њу Хемпшир, но трката е далеку од завршена. Јас сум борец. Остануваат уште десетици држави. А, следната е мојата слатка Јужна Каролина“, кажа Хејли, која беше гувернерка на оваа сојузна држава.
Трамп ѝ порача дека е во заблуда.
„Кој, по ѓаволите, беше натрапникот кој претходно се качи на таа бина и прогласи победа? Ники Хејли имаше многу лоша ноќ. Одржа говор како да победила, а всушност изгуби“, кажа Трамп по изборите во Њу Хемпшир.
Со месеци, Хејли беше внимателна во критикувањето на својот поранешен шеф, но викендов во Њу Хемпшир го нападна најжестоко досега, при што ги критикуваше неговите пријателства со диктатори и ја доведе во прашање неговата ментална острина.
Хејли одлучи да не учествува на третите предизбори во Невада, па следното соочување со Трамп ќе го има дури на 24 февруари во Јужна Каролина, каде што анкетите исто така не ѝ даваат големи шанси.