Доналд Трамп изјави дека во САД не се разговара за промена на режимот на Венецуела, откако нареди испраќање на десет борбени авиони на Кариби.
„Ние не разговараме за тоа, но разговараме за фактот дека имавте избори кои, најблаго кажано, беа чудни“, рече Трамп, алудирајќи на спорната победа на Николас Мадуро на ланските претседателски избори, што не беше призната од опозицијата и од голем број држави.
Мадуро оваа недела ги обвини САД дека се обидуваат да ја променат власта во Венецуела во воена закана.
„Владата на САД треба да се откаже од својот план за насилна промена на режимот во Венецуела и во цела Латинска Америка. Го почитувам Трамп. Ниедна од разликите што ги имаме не може да доведе до воен конфликт. Венецуела отсекогаш била спремна за разговор“, кажа Мадуро.
Трамп неделава го демонстрираше својот нов пристап во борбата против шверцот на дрога, кога американската војска нападна брод за кој тврдеше дека превезувал дрога од Венецуела, при што загинале 11 лица. Си-Ен-Ен објави дека тој разгледувал опции за натамошни напади, вклучително и на цели на наркокартели во Венецуела, што би била значајна ескалација.
Трамп го обвини Мадуро дека ја води групата Трен де Арагва, која Белата куќа ја означи како терористичка организација. Мадуро негираше поврзаност со Трен де Арагва, за која неговата влада вели дека била неактивна во Венецуела од 2023.
Трамп вчера ја спореди смртта на стотици илјади Американци од предозирање со жртвите во војна, обидувајќи се да ја оправда засилената воена активност на Карибите.
„Замислете да сте во војна и да изгубите 300.000 луѓе. Нема да го дозволиме тоа“, рече тој.