Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за земјите кои не се согласуваат со неговите амбиции за анексија на Гренланд. Тој не кажа кои земји би можеле да бидат погодени со оваа мерка, ниту како би го реализирал ова.
Бројни земји отворено кажаа дека се противат на неговите амбиции за преземање на Гренланд, за што постои скептицизам и во САД. Додека тој зборуваше на состанок во Белата куќа, двопартиска конгресна делегација беше на Гренланд за да ѝ даде поддршка на територијата. Таа се сретнаа со пратениците, данската премиерка Мете Фредериксен и со нејзиниот колега од Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен.
Водачот на групата, демократскиот сенатор Крис Кунс, рече дека целта на нивното патување било да ги слушнат локалните жители и да ги пренесат нивните ставови во Вашингтон „за да ја намалат температурата“.
Трамп вели дека Гренланд е од витално значење за безбедноста на САД и дека ќе го добијат на лесен начин или потежок начин.
„Можеби ќе воведам царина за земјите ако не се согласат околу Гренланд бидејќи ни е потребен за национална безбедност“, рече Трамп.
Данска предупреди дека американска воена акција на Гренланд ќе значи крај на НАТО, сметајќи дека прашањето на безбедноста треба да се реши во рамките на алијансата. Посетата на американските конгресмени успеди неколку дена откако разговорите на високо ниво во Вашингтон не успеаја да го одвратат Трамп од неговите планови.
Специјалниот пратеник на Трамп за Гренланд, Џеф Лендри, изјави дека САД треба да разговараат со лидерите на Гренланд, а не со Данска.
„Верувам дека треба и дека ќе се постигне договор. Претседателот е сериозен. Ѝ кажа на Данска што бара, а сега државниот секретар Рубио и потпретседателот Венс треба да постигнат договор“, кажа Лендри.



