Доналд Трамп објави дека САД го заробиле претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако утрово беа изведени воздушни напади на повеќе места во земјата. Тој потврди дека САД стојат зад нападите.
„САД успешно изведоа голем напад врз Венецуела, а нејзиниот лидер Николас Мадуро, кој беше со неговата сопруга, е заробен и изнесен надвор од земјата. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските служби за спроведување на законот. Деталите ќе следат на прес-конференција во Мар-а-Лаго“, кажа Трамп.
Официјални лица изјавија за „Си-Би-Ес њуз“ дека Мадуро и неговата сопруга биле заробени од специјалниот противтерористички одред „Делта форс“ на американската војска.
Потпретседателката на Венецуела, Делси Родригес, изјави дека владата не знае каде се наоѓаат Мадуро и првата дама Силија Флорес и побара докази дека тие се живи.
Владата на Венецуела ги осуди нападите како чин на агресија и прогласи национална вонредна состојба. Покрај главниот град Каракас, напади имало и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира, кажа владата.
Според очевидците, експлозии и прелети на авиони во Каракас се слушале од два часот по локално време и траеле помалку од 30 минути. Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино, изјави дека владата собира информации за загинати и повредени и тврди дека биле погодени цивилни области.
„Венецуела ќе се спротивстави на присуството на странски трупи“, рече тој.
САД долго време го обвинуваат Мадуро дека предводи меѓународна организација за трговија со дрога, што тој го негира. Вашингтон притоа понуди награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Мадуро.
Ова е прва директна американска интервенција во Латинска Америка од инвазијата на Панама во 1989, чија цел беше соборување на воениот лидер Мануел Нориега.



