Доналд Трамп објави нови царини за низа европски земји кои извезуваат во САД, што ќе почне да се применува на 1 февруари. Тој кажа дека мерката ќе остане во сила сѐ додека не се постигне договор за целосно преземање на Гренланд од страна на САД.
„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска ќе подлежат на царина од 10% за сите добра што ги извезуваат во САД. На 1 јуни, царината ќе биде зголемена на 25%“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Тој вчера се закани со воведување царини за сите држави кои не се согласуваат со неговите планови за преземање на Гренланд.
„САД со години ги субвенционираа Данска и Европската Унија со тоа што не им наплаќаа царини. Време е Данска да возврати. Светскиот мир е во прашање! Кина го сака Гренланд и нема ништо што Данска може да направи во врска со тоа“, кажа Трамп, тврдејќи дека Гренланд е заштитен само од две санки со кучиња.
Тој ги обвини Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска дека дошле на Гренланд од непознати цели и дека играат многу опасна игра. Овие држави оваа недела објавија дека ќе ја поддржат операцијата „Арктичка издржливост“, предводена од Данска, чија цел е воспоставување попостојано воено присуство на Гренланд.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп постојано се заканува со преземање на Гренланд, при што не исклучи и употреба на сила. Тој тврди дека Гренланд е од витално значење за националната безбедност на САД и дека само тие можат да го одбранат од идна окупација од Русија или Кина.



