Цела Италија е ставена под блокада, во обид земјата да го спречи ширењето на заразата од коронавирусот. На прес конференција вечерва премиерот на Италија Џузепе Конте изјави дека мерките што до сега важеа за северот на земјата, се прошируваат на целиот Апенински полуостров. „Иднината на земјата е во наши раце“, изјави Конте на итна прес конференција во понеделник навечер.
Италија е најтешко погодена нација во Европа со 463 смртни случаи поврзани со коронавирусот и повеќе од 9,000 потврдени инфекции. Жариштето се шири кон југ и заразени се пријавени и во Лигурија, Тоскана и на југ во областа Пуља.
Со мерките се забрануваат сите јавни настани, се затвораат кината, театрите, теретаните, дискотеките и кафулињата, свадбите, погребите и сите спортски настани, вклучувајќи ги натпреварите од Серија А. Сите училишта и универзитети ќе останат затворени до 3 април.
„Мерките што се воведуваат може да се сумираат со изразот ‘Останувам дома’’, изјави Конте.