ЦЕЛИ СЕЛА СЕ КРЕМИРАНИ – ГВАТЕМАЛА ГИ БРОИ МРТВИТЕ ПО ЕРУПЦИЈАТА НА ВУЛКАНОТ ФУЕХО

    ЦЕЛИ СЕЛА СЕ КРЕМИРАНИ – ГВАТЕМАЛА ГИ БРОИ МРТВИТЕ ПО ЕРУПЦИЈАТА НА ВУЛКАНОТ ФУЕХОНа некои места купиштата вулканска прашина се високи до десет метри (Фото: Гардијан)

    Десетици луѓе сѐ уште се водат како исчезнати, а со голем број села нема никаква комуникација по најголемата вулканска ерупција во Гватемала во последните 40-ина години.

    Властите објавија дека досега се пронајдени 62 тела, но очекуваат драстично зголемување на оваа бројка, откако завчера еруптираше вулканот Фуехо, што се наоѓа на 50 километри од главниот град Гватемала Сити.

    Во руралната заедница Сан Мигел Лос Лотес, пожарникарите извлекле 15 тела, вклучувајќи четири деца и нивната бремена мајка, од купиштата вулканска прашина, кои на некои места биле високи до десет метри.

    Досега се пронајдени 62 тела, но се стравува дека оваа бројка ќе биде многу поголема (Фото: Гардијан)

    „Куќите се претворија во печки, а селото е крематориум, тука нема преживеани. Тука има толку многу прашина што изгледа како една огромна плажа, но со натрупани дрвја и карпи. Ужасно е“, вели еден пожарникар.

    Целата заедница е уништена од ерупцијата, што се случи без најава во неделата околу пладне по локално време. Отровна мешавина од лава, прашина и гас зафати цели куќи, заробувајќи цели семејства кои се подготвувале за ручек. Целата околина сега е прекриена со слој сива прашина, потсетувајќи на сцена од постапокалиптичен филм.

    Фуехо, што на шпански значи оган, е еден од најактивните вулкани во Средна Америка и ова му беше втора ерупција оваа година, но најсилна од 1974 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира