Турската војска изведе серија воздушни напади врз курдските бунтовници во северен Ирак, неколку часа по самоубиствениот бомбашки напад пред министерството за внатрешни работи во Анкара. Од владата кажаа дека се уништени 20 цели и се неутрализирани многу милитанти од забранетата Курдска работничка партија, која потврди дека нападот во Анкара го извршила група поврзана со неа.
Еден бомбаш-самоубиец се разнесе, додека друг беше убиен од полицијата. Во нападот се повредени двајца полицајци.
Турското министерство за одбрана кажа дека во воздушните напади биле погодени пештери, складишта и бункери користени од ПКК, која Турција ја смета за терористичка организација.
„Целта на операцијата беше да се неутрализираат ПКК и други терористички елементи, да се спречат терористички напади од територијата на северен Ирак и да се обезбеди сигурноста на нашите граници“, соопшти министерството.
Нападите во Ирак уследија по експлозијата на булеварот Ататурк, што се случи неколку часа пред турскиот парламент повторно да почне со работа по летниот одмор. Одговорноста за овој напад ја презеде група наречена Баталјон на бесмртните.