Себастијан Курц, 31-годишниот конзервативец, ќе стане новиот канцелар на Австрија, откако неговата Народна партија (ОВП) освои 31,5% од гласовите на денешните парламентарни избори, покажуваат излезните анкети.
Ова ќе го направи Курц најмлад лидер на една држава во светот.
ОВП, сепак, нема да може сама да состави влада, но ќе ѝ припаднат 57 од 183 пратенички места во Националниот совет.
Се очекува ОВП да коалицира со уште една десничарска партија, Слободарска партија, која заврши на третото место, со 25,9% гласови, со што ќе добие 51 пратеничко место. Двете партии профитираа во предизборниот период благодарение на својата антиимигрантска политика.
Социјалдемократите ќе бидат лидери на опозицијата, откако освоија 27,1% гласови.